Радовиш

Радовиш е град во југоисточниот дел од Република Македонија. Градот е втор по големина во југо-источниот регион, сместен во подножјето на планината Плачковица и северниот дел на Струмичко-радовишката котлина. 

Спогодбата за основање локален економско-социјален совет во Општина Радовиш се потпиша на 19 јули 2016 година. Потписници на спогодбата за основање ЛЕСС Радовиш беа градоначалникот на Општина Радовиш, г. Сашко Николов, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, г. Живко Митревски, претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, г. Ангел Димитров, и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, г. Благоја Ралповски.

Во локалниот Економско-социјален совет (ЛЕСС) ќе членуваат претставници на општинската администрација, работодавачите и синдикатите и ќе има консултативно-советодавна функција. ЛЕСС ќе разгледува прашања и ќе дава мислења, предлози и препораки до градоначалникот и Советот на Општината за одредени прашања од економско-социјалната сфера, како што се локална економска политика на општината, политики за вработување, политики за цени и плати, безбедност и здравје при работа, образование и сл. Во советот ќе партиципираат и претставници од Центарот за вработување на општината, средните училишта, како и од невладините организации и здруженија на граѓани.

Основањето на локалниот економско-социјален совет во Радовиш и опремувањето на секретаријатот со мебел, компјутерска опрема и библиотека беа поддржани од проектот Унапредување на социјалниот дијалог што го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Повеќе