ЛЕСС на општина Струга
Спогодбата за основање на локалниот Економско-социјален совет во Општина Струга се потпиша на 27 јуни 2016 година. Потписници на спогодбата за основање ЛЕСС Струга беа градоначалникот на Општина Струга, г. Зијадин Села, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, г. Живко Митревски, претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, г. Ангел Димитров, и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, г. Благоја Ралповски.
Во локалнииот Економско-социјален совет (ЛЕСС) членуваат претставници на општинската администрација, работодавачите и синдикатите и ќе има консултативно-советодавна функција, којшто се основа со цел воспоставување, поттикнување и развој на социјален дијалог помеѓу социјалните партнери и усогласување на нивните различни ставови и интереси на локално ниво. ЛЕСС ќе разгледува прашања и ќе дава мислења, предлози и препораки до градоначалникот и Советот на Општината за одредени прашања од економско-социјалната сфера, како што се локална економска политика на општината, политики за вработување, политики за цени и плати, безбедност и здравје при работа, образование и сл.
Во советот ќе партиципираат и претставници од Центарот за вработување на општината, средните училишта, како и од невладините организации и здруженија на граѓани.
Основањето на локалниот економско-социјален совет во Струга и опремувањето на секретаријатот со мебел, компјутерска опрема и библиотека беа поддржани од проектот Унапредување на социјалниот дијалог што го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.